Оџачарот Џули Рахмани, традиционално, е најбараниот човек во Кичево во овој период од годината.
Од август, па септември, октомври, ноември и декември тој има полни раце работа, бидејќи во полн ек е чистењето на оџаците, за подобро согорување на дрвата и затоплување на домовите.
Секојдневно оџачарот може да се сретне на улица со неизбежната торба и велосипед. Не носи традиционална оџачарска облека, а граѓаните не го допираат за среќа, што е многу стара градска традиција.
-Од втората половина на месец август до средината на месец декември работа има на претек и чинам дека во овој период сум најбараниот човек во градот. Граѓаните претежно ме бараат истиот ден кога ќе наидат на проблеми со оџакот, и инсистираат уште истиот ден да ја завршам работата, но преголемите обврски кои секојдневно ги имам не ми дозволуваат на сите да им излезам веднаш во пресрет, вели кичевскиот оџачар.
Рахмани додава дека и самиот се заинтересиран што побргу да ја заврши работата кај своите сограѓани.
- Да бидам искрен и јас би сакал што побргу на сите да им ја завршам работата и сите да бидат задоволни и да имаат топли домови. Впрочем, и мене ми одговара да ја завршам работата во деновите кога нема дожд или снег, кога е помала лизгавоста на покривите и поголема безбедност при работата, вели единствениот оџачар во градот.
Џули им порачува на своите сограѓани редовно да ги чистат оџаците, за подобро согорување на дрвата, но и заради помал ризик од пожар, а со тоа и за почист амбиентален воздух во градот.