Советот на Општина Кочани ги изгласа развојните програми за 2022 година, за кои е планирано да се инвестираат над 135 милиони денари.

Најголем дел од средствата, односно 52 милиони денари се за изградба, реконструкција и асфалтирање на улици, како и за тековно, инвестициско и зимско одржување општинската патна инфраструктура. Со Програмата за уредување на градежно земјиште се наменети 39,7 милиони за обезбедување непречен пристап и поставување водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација со приклучоци до градежните парцели.

– Со Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација, во 2022 година се планирани 9,4 милиони денари за изградба на атмосферска канализација на улицата „Стево Теодосиевски“, како и за фекална и атмосферска канализација на улиците „Гемиџии“ и „23 Октомври“ во централното градско подрачје, потоа во зоната Лесна индустрија – над каналот, во населбата Оризари и на други локации. Од Програмата за располагање со градежно земјиште, со која преку создавање просторни услови се овозможува обезбедување услови за социо-економски развој на општината, се очекува прилив во општинската каса од околу 45,5 милиони денари, истакна Дејан Рашков од Секторот за финансии на Општина Кочани.

Членовите на Советот на Општина Кочани ја усвоија и Програмата за јавно осветлување, кај која разликата помеѓу планираните приходи од близу 25 милиони и расходите од околу десет милиони денари ќе биде искористена за изградба на нови инфраструктурни проекти, како и за одржување на јавното осветлување.