Во пробиштипското село Пишица асфалтирани се шест улици. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов беше во увид на градежните работи и посочи дека во еден ден се почнати и завршени шестте улици во селото Пишица, кои се во должина од над половина километар, а средствата за реализација на проектот се обезбедени од буџетот на општината.
-За овој проект по пат на јавна набавка, општината склучи договор со економскиот оператор Нова Еко База ДОО од Штип и притоа издвои средства во висина од 1,75 милиони денари од општинскиот буџет, изјави Анастасов.
Посочи дека како до сега, така и во иднина ќе продолжи да работи за подобра инфраструктура за сите граѓани, создавајќи подобри услови за живот и рамномерен развој. Во тек е, додаде, и планирање на новиот буџет за 2022 година во кој ќе има проекти за решавање на инфраструктурните проблеми на жителите и во градот и во руралните средини.вдј/вј/