Зголемен е бројот на хоспитализирани деца од училишна и предучилишна возраст, заболени од респираторни заболувања, воспаление на белите дробови, настинка на детското одделение во Кумановската општа болница, информираа денеска надлежните од општата болница. Во моментов хоспитализирани се 15 деца, на дневна основа има по стотина прегледи. Децата кои се сместуваат на одделението задолжително се тестираат со PCR – тест, додека оние во дневна амбуланта со брзи антигенски тестови, по што ако се позитивни се тестираат со PCR – тест.
-И пред Ковид пандемијата, овој период од годината вообичаено има поголем наплив на заболени деца со респираторни заболувања. И на возрасната популација исто така имаме зголемен број на пациенти на Интерното одделение, меѓутоа евидентно е дека сега имаме значителен пораст на бројот на заболени деца и тоа не само од предучилишна, туку и од училишна возраст, коишто имаат респираторни симптоми, кои варираат од блага настинка, па се до воспаление на бели дробови, опструктивни бронхитис, проследени со висока фебрилност, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.
Началничката на Детското одделение од болницата, д-р Ферихан Бајрами, појаснува дека најчесто децата се на училишна или предучилишна возраст.
-Овој период немаме нешто многу со Ковид, најчесто се со респираторни, вирусни пневмонии, долно респираторни, оние што треба да примаат инфузиска терапија повеќе денови со кашлица, покачена телесна температура, вели д-р Бајрами. Многу е важно, советуваат лекарите, децата со симптоми на обична настинка веднаш да се изолираат, да не се носат во градинка или на училиште.
-Мој совет барем до родителите чии деца се во градинка е периодов да не ги носат, затоа што навистина се со тешка клиничка слика, кашлица, воспаление што треба да се третира повеќе денови, да им даваат витамини, да не ги мешаат со други. Вообичаено едно е болно можеби нема симптоми, само нос им тече, но потоа се развива клиничката слика, вели Бајрами.
Захариева додава дека сега поради постуденото време, покрај поаѓањето во школо, градинка, престој во затворен простор, аерозагадувањето е причина за зголемување на бројот на хоспитализираните деца. Лани, децата следеа онлајн настава, така што немаше голем број заболени деца.
Педијатрите советуваат децата да се следат, да се однесат на лекар навреме и да се почне со терапија, за да не дојде до потешка клиничка слика.