Во уметничкиот салон на Центарот за култура во Кичево вечер ќе биде отворена изложба на керамички производи создадени кон крајот на летото на Младинската керамичка работилница, што по седми пат се одржа во село Вранештица и на која зедоа учество ученици од двете средни училишта од Кичево ОСУ„ Мирко Милески“ и ОСУ„ Дрита“ и средното училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје.

-Вториот дел од проектот Младинска керамичка работилница се изложбите на дела што на годинешната, седма по ред работилница, ги изработија учениците од трите средни училишта во село Вранештица. Првата изложба ќе биде вечерашното претставување во Центарот за култура во Кичево а втората ќе се организира во Скопје во училиштето учесник на работилницата „Лазар Личеноски“ кон крајот на есента, рече директорот на Центарот, Мазлам Османи.

Тој нагласи дека на изложбата ќе бидат претставени над триесет изработки на учениците учесници на работилницата.

- На изложбата ќе бидат претставени над триесет експонати кои инвентивните ученици ги создале во текот на седмата сесија, рече Османи и најави дека на изложбата ќе присуствува министерката за култура, Ирена Стефоска.

Истакна дека на вечерашната изложба ќе бидат присутни учениците од локалните средни училишта учесници на работилницата, а не ја исклучи можноста да присуствуваат и учениците од училиштето соучесник во овој проект „Лазар Личеноски“ од Скопје.

Османи информира дека овој проект финансиски бил поддржан од Министерството за култура на РСМ со 150 000 денари.