Јавното претпријатие Комуналец Крива Паланка денеска врши миење на тротоарите и улиците во градот, на потегот од влезот до излезот на општината и клучките со магистралниот пат А2.

Се мијат јавните површини долж главната улица „Св.Јоаким Осоговски“, а по централното градско подрачје ќе се продолжи и во останатите делови на градот.

-Како локална институција во постојан дослух сме со граѓаните. Воведовме нова пракса за редовно миење на површините кои се под наша надлежност за одржување и од кои редовно се собира смет. Извршено е миење на улиците, денес се мијат тротоарите, а викендов, веднаш по пазарниот ден, беше темелно исчистен градскиот зелен пазар. Како што се обврзавме, во следниот период хигиената во градот ќе биде наш врвен приоритет, следува целосна реорганизација на планот и програмата за секојдневно чистење на градот, изјави директорот на ЈП Комуналец, Миле Марковски.

Во текот на оваа недела миење е извршено и на ролерско-велосипедската патека во кејот на Крива Река, а согласно временските услови, сѐ дури температурата на воздухот е над нулата, ќе го продолжи миење на споредните улици во градот и на обиколницата.