Проектот на средното училиште од Богданци за практична работа на учениците во компании за медицинска, сообраќајна и градежна струка е избран меѓу најдобрите пет на национално ниво и ќе биде финансиран од Регионалниот фонд за предизвици.

-Меѓу 205 апликанти од шесте држави на западен Балкан, прво бевме избрани меѓу 64 финалисти, а потоа меѓу најдобрите пет со целосно поднесени проекти на национално ниво кои ќе бидат финансирани во првиот повик, соопштија од гимназијата во Богданци.

Посочија дека целта на проектот е во наредните три години деведесет ученици од наведените профили, преку дуално образование, да бидат практиканти во 10 компании кои изразиле потреба за вработување на квалификуван и стручен кадар.

-Се очекува проектот да овозможи значително подобрување на реализацијата на наставните програми во стручното образование на средното училиште во Богданци, квалитетот на наставата, стекнување на специфични вештини на учениците од тренинг програмата, како и подготовка на кадар според потребите на компаниите, велат од гимназијата. им/вј/