Инвестициите во проширувањето на производствените капацитети на „ЛТХ Леарница“ од Охрид со нови технологии и опрема ја наметна потребата на компанијата за нови вработувања, пред се од високоедуциран кадар, како и континуирано вложување во обуки за вработените.

Според компанијата, во насока на долгорочна одржливост, еден од приоритетите е дигитализација на процесните документации, за што е неопходен високо едуциран технички кадар, способен да одговори на односните предизвици.

– Од стратешка гледна точка, во самото планирање на инвестициите, ги имаме во вид последните технолошки достигнувања, како и можноста за автоматизирање на повеќе операции со што би постигнале уште подобар квалитет на нашите производи и зголемена ефикасност во работењето, истакнуваат од компанијата.

Компанијата моментално спроведува неколку активни програми за размена на инженерски кадар, како и воведни програми за млади инженери кои можат да научат повеќе за интерните процедури, автомобилските стандарди за квалитет и процесите кои се специфични за таа индустрија.

– Бараме високомотивиран млад инжeнерски кадар и технички обучени лица, кои имаат желба да работат во динамично окружување со последната технологија во нашата индустрија, потенцираат од компанијата.

„ЛТХ Леарница“ интензивно соработува и со локалните технички училишта преку дуалниот метод на образование, како можност за соодветна едукација и подобра можност за вработување на младите лица. Компанијата беше меѓу првите што се вклучија во оваа пилот-програма што се реализира во соработка со ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ од Охрид.

– Менторската програма која ја имавме, сега ја прилагодивме и на наставната програма на учениците, и во моментов имаме 34 ученици кои посетуваат практична настава кај нас. Во исто време, на студентите кои се запишуваат на техничките факултети им нудиме и програма за стипендирање, со вклучена практична работа и помош при изработка на проекти, дипломски работи и слично, велат од компанијата.

„ЛТХ Леарница“ со над 500 вработени е дел од словенечката Групација „LTH Castings“ специјализирана во областа на развој, леење, обработка и монтажа на висококомплексни компоненти од алуминиум, како и изработка на алати наменети за сопственото производство. Групацијата е еден од водечките европски добавувачи на висококвалитетни обработени алуминиумски одливци наменети за автомобилската индустрија. Главните партнери на комапнијата се глобално познати брендови како „Мерцедес“, „Бош“, „БМВ“, „ЗФ“, „СумиРико“, „Континентал“, „Костал“.