На конститутивната седница на Советот на Општина Тетово за претседател беше избран Бесарт Дурмиши од Движење Беса. Тој беше избран со 16 гласа „за“ – осум од советници на Беса, четири на ВМРО ДПМНЕ, двајца од Алијанса за Албанците и двајца советници од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Немаше гласови против, а воздржани беа 14 советници – десет од ДУИ, двајца од СДСМ и по еден од Алтернатива и ДПА.
–Патот што денеска го тргнуваме е полн со предизвици, пат наследен со маки и проблеми. Но, заедно со вас ќе најдеме решенија, заедно со вас ќе го надминеме секој предизвик и проблем. Се обврзувам дека ќе бидам гласот на секој граѓанин без разлика на партиска, верска или етничка припадност, откако Тетово и тетовци не обединија повеќе од се. Да работиме за чист град, за град без отпад и со вода за пиење. За Тетово со подобра патна инфраструктура, за Тетово полно со достоинство, порача Дурмиши во првото обраќање.
Во текот на дикусијата, советникот Илија Димитриевски од СДСМ предложи Ангел Карапетров од ВМРО-ДПМНЕ да биде претседател на Советот, но тоа не беше ставено како предлог за гласање.
–Тоа е наш став за претседател на Советот базирано врз праксата од лани која треба да се примени на локално ниво. А тоа е поголема коалиција да даде предност на другите политички субјекти внатре во Советот да имаат свој кандидат за претседавач, што се покажа на централни нови дека е добра пракса. Сметам дека е богатство што има повеќе советнички групи, имаме разновиден совет. Тоа ќе е добро за граѓаните и ќе придонесе за многу решенија. Ние ќе бидеме коректив на градоначалникот и ќе дадеме наше мислење, предлози и критички осврт, изјави Димитриевски.
Советниците од граѓанската иницијватива „Подобро за Тетово“ посочија дека нивното гласање за избор на Дурмиши не значи дека постојано така ќе гласаат туку дека ќе одлучуваат засебно на секоја седница.
-Нашиот глас беше за да се избере претседател на Совет од Движење Беса бидејќи сметам дека ќе ги исполни ветувањата, подобра процедура во Советот. Не треба да значи дека ние како независна листа секогаш за секој предлог ќе бидеме „за“. Секоја точка посебно ќе ја третираме и ќе ја гласаме ако сметаме дека е за доброто на граѓаните, рече Елмедина Абдулаху.
Од ДУИ, кои досега ја раководеа општината, истакнаа дека ќе ги поддржуваат проектите кои се за добро на граѓаните.
-Верувам дека од овој Совет ќе излезат добри дебати кои ќе придонесат за доброто на граѓаните. Ние како ДУИ ќе бидеме гласот на граѓаните и секоја граѓанска иницијатива ќе биде поддржана, изјави советникот Блерим Османи од ДУИ.
Новиот претседател на Советот, Бесарт Дурмиши, е роден 1990 година, завршил Економски факултет насока сметководство и финансии.