Во Делчево закажана првата работилница во рамки на проектот ,,Наш град” кој го организираат Центарот за инклузивен развој Скопје (КАЖИ КОГА) и Регионалниот центар за застапување од Делчево.
Еднодневната работилница како што информираат организаторите е дел од информативно-едукативната сесија посветена на јавните простори и улогата на жителите и општините во нивното планирање, одржување и трансформација.
-Работилницата ќе се одржи овој петок (19.11.2021) со почеток во 11:30 часот и е наменета за жителите на општина Делчево, како и за сите оние чие привремено живеалиште е лоцирано во градот. Целта на работилницата е учесниците да се запознаат со основите на концептот “Placemaking”, односно, обликување и трансформирање на јавните простори заради зајакнување на врската помеѓу луѓето и општествениот простор кој го делат со останатите свои соседи, сожители, минувачи, истакнаа организаторите.
Дополнително како што додадоа, преку дискусија, размена на лични искуства и мислења, учесниците во рамки на работилницата ќе имаат за цел да ги мапираат запуштените простори кои според нив со малку труд можат да бидат разубавени. Дополнително целта е да се идентификуваат клучните проблеми со јавните простори во нивното соседство, маало, општина, а кои ги засегаат лично нив, нивните деца, пензионерите или било која категорија на граѓани.
-Мислењата, препораките и заклучоците од работилницата треба да послужат како предлог-мапа за поубави населби и маала, кој ќе се презентира пред двете општини, додадоа организаторите.
Поради мерките за заштита од Ковид-19 работилницата ќе вклучува група од 20 луѓе кои задолжително треба да поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид.