Со оддавање почит на паднатите борци и народни херои пред Споменикот на револуцијата во Тетово, денеска продолжи одбележувањето на Денот на ослободувањето во Втората светска војна, 19 ноември во 1944 година.
Почит кон загинатите и учесниците во Народонослободителната војна беше одддадена и со едноминутно молчење, како и со положување цвеќе пред спомен обележјето од страна на повеќе делегации.
– Годинава одбележуваме 77 години од ослободувањето. Во Втората светска војна 546 животи се дадени од тетовчани, од градот и околијата за да бидат ослободени од тројната фашистичка окупација. Со ослободувањето на Тетово бил ослободен секој град, а со тоа и цела Македонија, истакна во пригодниот говор Јоцко Димитриевски, претседател на општинската организација на Сојузот на борци од Тетово.
Вчера во пресрет на празникот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок" беше одржана пригодна свеченост со уметнички перформанс насловена „77 години Слободно Тетово".