Националната установа Музеј на тетовскиот крај ја издаде книгата „Попис на жртви од Тетово и тетовско од периодот на НОВ (1941-1945)“ од авторот и тамошен виш кустос Сашко Николовски. За пишување на овој труд биле користени материјали од разни книги и архиви а се направило и теренско истражување на спомениците и спомен обележјата од Тетово и тетовско.

Вкупниот број на загинати жртви од Тетово и тетовско изнесува 595 од кои 273 се Албанци, 269 Македонци, 35 Срби, девет Турци, тројца Руси, двајца Црногорци и по еден Словенец, Хрват, Муслиман и Евреин. Речиси половината од нив загинале во завршните операции за ослободување на Југославија во Срем, Далмација и Истра.

-Вистинските податоци за жртвите од Втората светска војна за подрачјето на поранешна Југославија се уште не се потполно истражени. Веќе подолго време не се знаеше точниот број на загинати борци и жртви од Тетово и тетовско од периодот (1941-1945) година. Се шпекулираше со најразлични бројки, a броjот секогаш варираше и се движеше до 360 жртви. Според пописот од 1964 година спроведен од Сојузниот Извршен совет на СФРЈ бројот на жртвите од Тетово и тетовско е 546. Во овој попис од 1964 година се опфатени воените и цивилни жртви од подрачјето на поранешна Југославија за периодот од 6 април 1941 до 15 мај 1945 година. Податоците и резултатите од пописот се објавени во 16 книги под наслов ,,Жртве рата” (1941-1945). Во тие книги има податоци за сите загинати, исчезнати, убиени и починати за кои постои пописен материјал за територијата на тогашна СР Македонија. Според последните истражувања од повеќето достапни архиви со кои располагаме, се воспостави дека бројот на жртвите во Тетово и тетовско се искачи на 595 луѓе, изјави авторот Сашко Николовски.

Дури половината од вкупниот број на овие борци се загинати по ослободувањето на Тетово на боиштата во Срем, Далмација и Истра.

-Бидејќи се работи за многу комплексна и сложена статистичка операција списокот не е конечен и секогаш постои можност за дополнување со нови имиња. Претпоставувам дека во некои книги бројот на загинати борци од македонските бригади не е целосен, а некои борци и старешини кои загинале или исчезнале на боиштата не се опфатени. Исто така за пишување на овој труд беа користени материјали и податоци со кои располага НУ Музеј на тетовски крај: Регистер на загинати борци од Тетово и тетовско, книга на погребани борци од Тетово и тетовско, теренско истражување на сите споменици од НОБ, спомен обележја, спомен бисти, спомен чешми и партизанските гробишта кои се подигнати во Тетово и тетовско, изјави Николовски.

Во книгата се запишани цивилните жртви и имињата на борците од третиот тетовски партизански одред, шарпланинскиот одред, првата македонско – косовска ударна бигада, 15 -от македонски корпус и другите македонски дивизии во кои учествувале тетовчани. Книгата е финансирана од министерството за култура во соработка со НУ Музеј на тетовскиот крај.ас/са/