Локалната самоуправа на Кочани го завршува проектот за уредување на улицата „Роза Петрова“ со паркиралиште, во непосредна близина на станбениот комплекс во населбата Калиманова Глава.

Стручните служби од Општината истакнаа дека во тек се завршните градежни активности, при што е поставен асфалт на околу 80 проценти од површината што се уредува.

-Заради оформување на местата за паркирање, ќе се изградат ниски оградни ѕидови, по што ќе следи асфалтирање на западниот дел од просторниот опфат, средување на атмосферските одводи на неколку позиции и оформување зелен појас. Со проектот за уредување на кракот од „Роза Петрова“ се подобрува функционалноста на површина од три илјади квадратни метри, се олеснува сообраќајниот пристап за станарите од објектите за колективно домување и се добива паркиралиште со повеќе од 90 места, истакна Драги Илијевски од Одделението за уредување на градежното земјиште.

По уредувањето на паркинг просторот, градежните работи ќе продолжат со преасфалтирање на еден километар од коловозот на улицата „Роза Петрова“, на потегот од вкрстувањето со улицата „Ристо Симеонов“ до спојот со „Страшо Ербапче“, во близина на Општа болница. Од десната страна, во должина од 800 метри, ќе се изгради тротоар, со што ќе се добие целосно уредена пешачка зона по должината на „Роза Петрова“.