Мултимедијален концерт посветен на легендата на македонската музика Јанко Узунов-еден од најпознатите валандовчани со богата музичка кариера, се одржа во неговото родно Валандово.

Познат како „момчето со мандолина“, Јанко настапувал на многу фестивали, добитник е на голем број награди и како автор зад себе оставил многу популарни музички композиции.

Како многу омилен пејач кај македонската дијаспора одржувал многу концерти речиси во сите земји каде живеат Македонци, а најчесто во Австралија, Америка, Канада и сите европски и балкански држави.

За ликот и делото на Јанко Узунов свои обраќања имаа негови поранешни колеги и соработници како и синот Кирил Узунов, ана концертот настапија неговата сопруга Жаклина Узунова, Александра Станковска од естрадната школа „Узун“ и домаќините „Распеани Валандовчани“.

Во негова чест, салата во Домот на културата во Валандово, Општината ја именуваше во „Јанко Узунов“, а преку видео обраќање, Костадин Костадиновски, еден од основачите на валандовскиот фестивал, во емотивна порака посака Валандово да направи и споменик на македонскиот музички великан.