Младинската керамичка работилница го прослави седмиот роденден со изложбата на дела во Центарот за култура во Кичево, создадени од учениците од три средни училишта од Кичево и Скопје, кои твореа кон крајот на август, кога се создадени над триесетина уникатни творби.
Работилницата успешно се етаблира во земјава а од нејзиниот основоположник, професорот од училиштето за уметност и дизајн, „Лазар Личеноски“ од Скопје, Филип Фиданоски, ни беше посочено дека се прават планови догодина на работилницата во Вранештица да партиципираат и ученици од странство, со што истата да прерасне во интернационална.
-Нашите планови се насочени кон натамошен раст и развој на Младинската керамичка работилница во Вранештица. Што поголемо вклучување на младите од земјава во активно и самостојно производство на керамички производи. Во плановите за идните години нашите намери се на работилницата да се вклучат и ученици од странство за почеток од соседните земји.Овој план е реален и остварлив и очекуваме догодина за прв пат на оваа работилница во Вранештица да имаме ученици од надвор и да и дадеме интернационален белег, истакна Фиданоски и потенцира дека очекува плановите за идните години да бидат подржани и од Министерството за култура за тие целосно да се имплементираат.
Тој напомна дека соработката со ученици од странство ќе придонесе младите од двете земји да се зближат, да разменат искуства од своите земји и да покажат дека заеднички можат да напредуваат и креираат и нови изработки од глина.