Планинарскиот-спортски клуб „Голак" од Делчево продолжува со активностите за искачување на познати врвови во Источниот регион.
Во рамки на планинарскиот марш, како што информира претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, планинарите пешачеле 13 километри.
-Во недела, членови на ПСК „Голак” Делчево, по идеално сончево време, без ветар, голема видливост и температура од 16 степени, реализиравме планинарска тура со почетна точка во село Блатец кое се наоѓа на 700 метри надморска висина, продолжувајќи кон месностите Герасимов кладенец, Валог, Легало Кладенец се до врвот Чупино на 1725 метри надморска висина и обратно во вкупна должина од 13 километри, изјави Чучуковски.
Рутата е дел од планинарската патека која е маркирана и поставена пред две години како прва Национална трансверзала во Брегалничкиот регион.
-Оваа трансверзала почнува од градот Делчево, ја поминува цела планина Голак, како и Плачковица и завршува над градот Виница, појасни Чучуковски.
Вакви и слични активности, клубот најавува дека ќе реализира и во наредниот период.