На почетокот на оваа календарска година нашите очекувања беа големи дека годинава ќе имаме добар род на костенот и приноси од кои ќе може нешто и да се заработи.
Неповолната хидролошка состојба со малку врнежи од дожд, екстремно високи температури и зголемениот пораст на дивите свињи во природата, беа трите клучни фактори зошто жителите на Поречијата собраа помали количества костен, далеку од количините што ги остварија пред повеќе години.
– На почетокот на оваа календарска година нашите очекувања беа големи дека годинава ќе имаме добар род на костенот и приноси од кои ќе може нешто и да се заработи. Но, најпрво проблемите се создадоа со долготрајната суша и екстремно високите температури во еден подолг период од летото и почетокот на есента, вели Трајан Крстески жител на Порече.
Тој го посочува проблемот што на костените го предизвикале дивите свињи.
-Капак на се беше големата наезда на диви свињи кои буквално го преполовија родот на костенот, бидејќи целокупните количини кои паднаа од костените беа главна цел на многубројните диви свињи, кои не само што ги собраа најголемите количества костен, туку барајќи род ја преораа целата земја под овие родни стебла и беше невозможно да се пронајде некој костен од огромните штети што ги предизвикаа дивите свињи, додава Крстески, жител на село Звечан.
За овој проблем говореа и повеќе жители и од други Поречки села познати по бројните стебла на питом костен.
– Годинава имавме големо потфрлање на костенот и ако просечно собиравме еден тон питом костен во текот на есента, годинешните количества се преполовени. Високите температури во подолг период придонесоа костенот што беше изложен на сонце, поради високите температури и сончевината не можеше доволно да се развие и остана многу ситен а во добар дел и празен, вели Милован Стојкоски, посочувајќи го и тој проблемот со костенот што го создале дивите свињи.
Според него, можеби овие штети и немаше да бидат толку големи ако, како што вели, не се појавеше проблемот со дивите свињи, кои поради бројноста во природата и малиот избор на храна во шумата, го искористија питомиот костен и го преполовија и без тоа намалениот род.
Поречани забележуваат дека на македонскиот пазар е присутен костен од увоз во големи количества, но тврдат дека квалитетот на поречкиот костен е далеку од квалитетот на увезениот кој е многу послаб.