По пауза од една година продолжи изградбата на стариот струмички театар, кој почна да се гради кон крајот на 2014 година. Заради ковид пандемијата изградбата беше целосно прекината. Зградата од надвор е целосно завршена, а останува да се уреди внатрешноста и да се постави опремата.
-Согласно одлуката за прекинување на одредени капитални инвестици паузиравме една година. Во овој период го решивме и проблемот со надзорот и сега него бесплатно ќе го извршува АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, информира Ацо Манински, директор на НУ „Завод и Музеј Струмица“.
Според него, сега се наметнуваат и други решенија околу завршувањето на изградбата, како што е поставување ново осветлување и застареност на одредени решенија кои ги имало во првичниот проект.
-Решенијата се планирани пред десетина година, а тогаш таа ставка на потрошувачка на електрична енергија била со една вредност, а сега е со друга. Новите технолошки решенија нудат можности за поквалитетна опрема и по други цени, додава директорот Манински.
Вели дека оптимален рок за предавање во употреба на стариот струмички театар е една година, а дотогаш треба да заврши и приклучувањето на гасоводната мрежа на Струмица за да се реши затоплувањето.
Инаку, стариот театар во осумдесеттите години на минатиот век беш напуштен поради дотраеност, а во два пожари потоа објектот целосно беше уништен и долго време беше грдотија во центарот на градот.
Во 1982 година била одиграна последната претстава во стариот театар. Ансамблот на НТ „Антон Панов“ буквално се селел како патувачки театар, а во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, струмичките актери добија привремен покрив над главата.