Во рамки на одбележување на Неделата за грижа на стари лица, волонтерите од општинската организација на Црвениот крст под мотото „Сите сме нивни деца“ организираа активности во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и Здружението на пензионери Куманово, соопштија денеска од организацијата. Целта е да се подигне јавната свест на населението за правата на овие лица и нивната потреба за грижа и помош.

-При посетата на Здружението на пензионери од Куманово, волонтерите со претставниците од стручната служба и ангажиран доктор извршија мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на вкупно 40 лица. Исто така, со старите лица се одржа информативна работилница за нивно запознавање со правата од социјална и здравствена заштита со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење, изјави секретарот на организацијата, Бојан Петрушевски.

Во текот на Неделата, тој додаде дека волонтерите беа во посета и во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово каде им беа поделени совети и летоци за препорака за здрава исхрана.

Во тек е и двомесечна обука на 15 негуватели за стари и немоќни лица која се спроведува во Црвениот крст Куманово, како овластен провајдер за едукација на заинтересираните.