Општина Новаци доби мултифункционално противпожарно возило за гаснење пожари донација од Операција Флоријан – Велика Британија, со кои имаат потпишано Меморандум за разбирање и соработка во областа на градење на капацитети и развој на противпожарната служба.

Возилото, техничката опрема и инструментите за противпожарна заштита веднаш ќе бидат ставени во функција на општината, изјави градоначалникот Стевче Стевансовски.

-Целта на донацијата е подобрување на противпожарната заштита во општината, управување со шумските пожари, едукација и превенција со поддршка на доброволните друштва кои се едни од главните промотори за заштита од пожари во Европската Унија, како во урбаните средини, шумските и техничките интервенции, посочи Стевановски.

Англиските пожарникари во земјава ќе престојуваат неколку дена во хуманитарна мисија, како дел од операцијата „Флоријан” и ќе учествуваат во обуките за локалните пожарникари и доброволни противпожарни друштва.

-Нашите стручни лица на македонските пожарникари ќе им ја покажат употребата на најновата техника за гаснење пожари, а ќе би обучуваат и за учеството и улогата на пожарникарите во случаи на поголеми сообраќајна несреќи или инциденти со пожари на патиштата. Мисијата на Операција Флоријан е почната пред десеттина години и се реализира во 40 држави во светот, истакна Рој Барклуг, гостин од Велика Британија.

Општина Новаци во иднина ќе се подготви за ЕУ регулативите според кои секоја поголема населена средина ќе има организирана противпожарна заштита без разлика дали истата е професионална или доброволна, беше истакнато на денешниот промотивен настан во тамошната локална самоуправа.