На Универзитетот во Тетово денеска започна Петнаесеттиот меѓународен семинар на албанологија. Во ректоратот беше одржано свечено отворање, по што учесниците од голем број образовни и научни установи се поделија во групи за работниот дел од семинарот.
– Оваа година семинарот се организира на посебен датум во нашата историја, токму на 113-годишнината од Конгресот во Битола и формирањето на азбуката на албанскиот јазик. Помина повеќе од еден век од Конгресот па ако видиме колку е напишано, објавено и реализирано во албанската литература не можеме а да не си дозволиме радост и задоволство, истакна во поздравниот говор Хазир Положани, проректор за наука при УТ.
На овогодинешниот семинар се претставуваат научните трудови кои учесниците ги одработиле согласно централната тема „Албанците и културата на спомените“.
– За ова теза веруваме дека ги поттикна истражувачите од оваа област да обработуваат теми од важна вредност и научна тежина. Семинарот по албанологија е продолжение и во служба на оваа цел со големи хумани и цивилизациски пораки. Исто така, одржувањето на семинарот е од големо значење не само за нашиот Универзитет, како високообразовно-научна институција и негов организатор, туку е значаен и за целата албанологија, рече проректорот Положани.
Во текот на денот учесниците ќе работат поделени во три научни сесии. Првата е посветена на трудовите со научно-историски предзнак како и етнокултура и медиуми, втората е посветена на албанската азбука и последната на албанскиот јазик.