Општина Битола за десет дена решила 100 предмети за легализација. Согласно законската регулатива за постапување со бесправно изградени објекти, од вкупно поднесени 17.543 барања од граѓани, на постапување во општината чекаат над 6.000 предмети.

На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски во изминатите десет дена изработени се над 100 решенија, а работата продолжува до решавање на сите предмети, од кои за дел, граѓаните чекаат решение од 2011 година.

Од нив, до 2017 биле решени 10.205 предмети и 746 предмети во периодот од 2017 до 2021 година. Тоа значи дека за решавање остануваат уште 6.592 предмети. Кај еден мал дел од нив, не може да биде постапено од страна на службениците, заради нерешени имотно-правни односи меѓу сопствениците и неможност да се стапи во контакт со истите, заради што апелирам во сите вакви случаи, граѓаните да ги исконтактираат стручните служби и да ги ажурираат информациите за контакт, со цел остварување на потребната комуникација, изјави Коњановски.

Покрај анализа на состојбата, како што рече, во изминатата недела и половина работевме и на донесување на решенија, во случаите каде може да се постапи, согласно законската регулатива. Успеавме да потпишеме 100 решенија и се надевам дека со оваа динамика ќе продолжиме и во следниот период.

-Не смее да остане нерешен предмет. Тоа е наша должност кон сите граѓани. Исто така, ќе вложиме напори, со дополнително ангажирање, изготвените урбанистички согласности и решенија, кои се уште не се подигнати од граѓаните, да им бидат доставени на домашна адреса, со цел целата постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, да има завршница, изјави градоначалникот Коњановски.