Општина Новаци заврши со реализација на седмиот по ред проект од програмата општинско корисна работа „Ранливи категории 2 “. Станува збор за 9 месечен проект преку кој се ангажирани двајца дефектолози – логопеди за работа со децата од ЦOУ „Славко Лумбaрковски“ и детската градинка „Бамби“ од Новаци.
-Општинско корисна работа е програма што ја реализираме години наназад а оваа година сме насочени кон работа со говорот на дечињата од училиштето и детската градинка. Во овие два месеца од кога започнаа со работа логопедите, вклучени се вкупно 21 дете. Општина Новаци проектот го реализира во соработка со УНДП, Агенцијата за вработувaње и Министерство за труд и социјална политика, истакна Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.
„Општинско корисна работа“ претставува програма која на тешко вработливите лица им нуди можност за социјално вклучување преку работни ангажмани со скратено работно време.
-Оваа програма во Општина Новаци е присутна 13 – 14 години и се радувам што соработката продолжува и понатаму. Со градоначалникот разговаравме за идните чекори за продлабочување на соработката, проширување на позиции за следниот повик во ангажирање на образовни асистенти за средно училиште, грижа на стари и изнемоштени лица, купување на храна, лекови, воспитувачки и негователки во детски градинки, негователи на лица со попреченост и друго, посочи Наумче Ташовски, координатор на програмата ОКР од УНДП.
Општина Новаци успешно реализирала шест проекти во состав на оваа програма и досега работно биле ангажирани 19 невработени лица активни баратели на работа, а како корисници беа опфатени 25 жени Албанки, 163 деца на претшколска возраст и 41 дете на школска возраст, информираа од тамошната локална самоуправа.мт/вј/