Промената на звукот што во последните неколку месеци беше забележливо во акустиката при ѕвонењето на црковното ѕвоно во храмот „Свети Петар и Павле" во Кичево, целосно е санирано во една леарница во главниот град.

Деновиве треба да се изврши реосветување на црковно ѕвоно и истото да биде вратено во камбанаријата од црковниот храм каде се наоѓаше полни 50 години.

– Откако беше забележливо дека акустиката на ѕвонењето од црковниот храм „Свети Петар и Павле" во Кичево не е најдобра, црковното ѕвоно кое на тоа место беше поставено 1972 година, беше извадено од своето лежиште и спуштено на земја, по што беше очигледно дека има одредени напукнувања на ѕидот од ѕвоното и мораше повторно целосно да се лие за да се санираат пукнатините. За оваа потреба ѕвоното беше транспортирано во една позната скопска леарница, каде во целост беа санирани постоечките напукнувања и црковното ѕвоно повторно изгледа како ново, истакнуваат од свештенството од црковниот храм во Кичево.

Оттаму најавуваат дека деновиве ќе се изврши осветување на црковното ѕвоно, по што ќе биде поставено на старото место во црковната камбанарија.

– Деновиве планираме да извршиме осветување на црковното ѕвоно по што истото ќе го вратиме на местото во црковната камбанарија, сега се подобрена акустика и со најприроден продорен звук, додаваат од свештенството.

Инаку ѕвоното е изработено во леарницата „Пантелиќ" во Белград.