Општинската организација на Црвен крст – Кочани отвори телефонски линии за бесплатна прва психолошка и психо-социјална поддршка, наменети за стари и изнемоштени и лица со посебни потреби.

Активностите се во рамки на регионалниот проект „Зајакнување на отпорноста на старите лица и лицата со попреченост за време на КОВИД-19 и идни катастрофи“, тригодишна иницијатива финасиски поддржана од ЕУ, Австриската агенција за развој и австрискиот Црвен крст.

-Преку отворените телефонски линии воспоставуваме систем за грижа за менталното здравје на постарите лица и лицата со попреченост, со цел подобро справување со пандемијата од Ковид – 19. Истовремено сме ангажирани и во друг проект за воспоставување на услугите за домашна нега и грижа на стари лица. Отворените телефонски линии се надоврзуваат и на овој проект, за помош и грижа за менталното здравје на старите лица и ќе бидат едно дополнително проширување на нашите сервисни услуги кои ги даваме на старите лица. Телефонските броеви 071/426-660 и 071/426-633 се достапни шест часа дневно, од понеделник до петок во периодот од 10 до 16 часот и истите се водени од обучени телефонски оператори, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани..

Телефонските линии кои функционираат во рамките на Црвен крст – Кочани го покриваат источниот, југоисточниот и североисточниот регион на Македонија.

Освен во Кочани, регионални телефонски линии се отворени и во Битола, Велес, Гостивар, како и во Црвен крст на град Скопје за територијата на градот Скопје.