Општина Пласница презеде активности за решавање на проблемот со поплавите што се случуваа изминатите години при висок водостој на реката Треска. За да се спречат овие појави, општината изгради бетонски потпорен ѕид со должина од 135 метри, во делот каде што водите на Треска најмногу се излеваа и правеа штети.
– За да не се повторуваат проблемите од претходните години, кога по високиот водостој на река Треска беа поплавувани поголем број на селски куќи и земјоделски површини во понискиот дел од село Пласница, изграден е потпорен бетонски ѕид со должина од 135 метри и височина од 120 сантиметри. Ѕидот е изграден во делот каде реката Треска меандрира и каде имаше најчеста опасност од нови поплави. Се надеваме дека овој потпорен ѕид во понатамошниот период ќе биде од голема помош за мирен сон на жителите од оваа населба, во понискиот дел на селото, истакна градоначалникот Алиа Јаоски, кој наведе дека средствата за оваа намена се обезбедени од повеќе извори.
Истовремено напомна дека во наредните 45 дена се очекува да биде завршена изградбата на монтажна пречистителна станица за 1500 жители на село Пласница, за која средствата се обезбедени од Република Турција, за целосно завршување на овој проект во овој дел од селото изградена е и канализациска мрежа до сите селски домови.