Гевгелискиот градоначалник Андон Сарамандов со своите соработници денеска направи увид во фактичката состојба на руинираниот објект на старата спортска сала во центарот на градот.
По согледувањето на состојбата, веднаш беше договорено надлежните служби да почнат постапка за изготвување проектна документација за ревитализација на објектот кој располага со сала и придружни простории кои се користеа за спортски активности и обуки.
–Констатиравме дека старата спортска сала, позната како ДТВ „Партизан“, е во многу лоша состојба поради што веднаш одлучивме да се изработи идеен и основен проект по што брзо ќе почнат и градежните активности за негова ревитализација, особено ако се има предвид дека се зголемува бројот на новите спортски здруженија во градот кои привлекуваат се поголем број млади луѓе, рече Сарамандов.
Објектот е во фаза на руинирање. Изграден е во 1935 година и најпрво се користел за јавни настани и театарски претстави, а подоцна само за спортски активности и беше познат како Друштво за телесно воспитување „Партизан“-Гевгелија.