Интересот за изнајмување книги во струшката Библиотека е значително зголемен од почетокот на пандемијата, заклучи директорката на центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Николина Велкоска – Глигороска, под чија надлежност е и Библиотеката.
Пред почетокот на пандемијата членувале околу 700 читатели, а сега бројката е повеќе од двојно зголемена, односно евидентирани се 1.054 возрасни и 792 во детското одделение. Во Библиотеката во Вевчани, која е подрачна на струшката членуваат 92 лица. Најмладиот читател, според неа, има само шест години, додека највозрасниот е пензионер, но интересот за читање е зголемен кај сите генерации.
– Имаме зголемен интерес за читање книги кај сите генерации, а најбарани се делата на Лусинда Рајли, Себастијан Фицек , Гијом Мисо, Николас Спаркс… Можам да кажам дека стружани најмногу сакаат да читаат белетристика, а голем е интересот за изнајмување на лектирните изданија, како на македонски, така и на албански јазик. Се бараат и историски изданија, но и стручна литература, изјави Велкоска – Глигороска.
Книжевниот фонд, додаде, постојано се збогатува со книги од различни жанрови.
Библиотеката, како што појасни директорката, работи со спроведување на протоколите за заштита на населението од ширење на Ковид – 19.