Почна реконструкција на седумнаесет соби во домот за стари лица „Зафир Сајто“, соопштија денеска надлежните. Реновирањето на просториите ќе овозможи поквалитетен престој на корисниците, сметаат одговорните од јавната установа.

-Целосна е реконструкцијата на собите од еден реон, ја менуваме водоводната, канализациската, електричната мрежа, санитарии. Домот функционира 40 години некои од собите се дотраени и согласно нашите финансиски можности, но и согласно капацитети и можностите да не бидат нарушени условите за живеење во домот за стари лица се спроведува реконструкцијата. Вложувањето продолжува и се надевам дека ќе биде завршена до Нова година, кога овие соби ќе се пуштат во употреба, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Во моментов, услугите ги користат 142 лица, но по обновата на просториите се очекува веднаш да се дополни бројот и да се исполни капацитетот од 180 лица. Во моментов нема позитивни на коронавирус, лица сместени во домот.

Во овој период не се дозволени посети на членовите на семејствата со корисниците, контактот се остварува согласно протоколите до влезот на установата, со користење на социјални мрежи и поддршка од вработените. Речиси целосно е завршена имунизација на старите со вакцини против Ковид 19, а во тек е имунизација против сезонски грип.ам/лв/