По три месеци надвор од договорениот рок, заврши испораката на огревно дрво за кичевските пензионери. За ненавремената испорака на одревно дрво најважни беа три причини, од немање на дотурачи на дрва во шумата, недоволен број камиони за достава на огревно дрво и немање доволни количества, дабово дрво, пресечено за испорака, истакнаа од Здружението на пензионери од Кичево.
-Проблемите кои се појавија годинава со испорака на огревно дрво за нашите членови досега сме ги немале во толкав обем,бидејќи наместо до средината на август целосната испорака заврши кон крајот на ноември, месец и половина од почетокот на грејната сезона. За цело време се појавуваат повеќе проблеми кои предизвикаа испораката да биде успорена или прекината, велат од кичевското Здружение, од каде ги наведуваат главните причини за оваа ненавремена испорака.
-Најпрво испораката застана поради немање на дотурачи на дрво од планината.По решавањето на овој проблем, наидовме на нови пречки од немање на маркирани дрва за испорака од шумата,пред се дабово,што беше причина дел наши членови да ја променат одлуката и наместо дабово да побараат испорака на буково дрво. И третата важна причина беше недоволен број камиони за континуирана испорака на дрва на нашите членови, вели Владо Вељаноски од Здружението на пензионери.
Соочени со овие проблеми од кичевското здружение во повеќе наврати остварија средби со првите луѓе на „Македонски шуми“.
-Во периоди кога испораката целосно застануваше ги контактиравме првите луѓе на„ Македонски шуми“, да ги решат постоечките проблеми кои во спрега со нас ги решававме во од и, покрај фактот што испораката на огревно дрво не се одвиваше со планираната динамика, додава Вељаноски.
– Ако од Македонски шуми во наредната година не гарантираат редовна испорака на огревно дрво за нашите членови, ќе бидеме приморани да престанеме со оваа практика и да ги оставиме нашите членови со дрва да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Помал дел на пензионери кои запишале дрва на рати, поради предолгото чекање на испорака на огревно дрво, побараа да им се вратат уплатените средства , за да можат проблемот да го решат од други добавувачи , бидејќи грејната сезона веќе беше во полн ек.