Кичево од 3 до 9 декември ќе биде домаќин на Првиот професионален театарски фестивал „Ускана фест“, на кој ќе учествуваат театри од Тетово, Скопје и Куманово.
На фестивалот ќе бидат изведени седум претстави од исто толку театри, помеѓу кои добро познатите Театар Комедија од Скопје,Тетовскиот Театар,Турскиот Театар и други.
– Културната понуда во месец декември во нашиот град ќе биде збогатена и со Првиот професионален театарски фестивал „Ускана фест“, што ќе се организира во периодот од 3 до 9 декември. На фестивалот ќе земат учество Тетовскиот Театар и уште една театарска група од овој град, Турскиот Театар од Скопје, Театарот од Куманово, Театарот Комедија и помалку познати театарски групи, кои претежно настапуваат на ваков вид на фестивали. Во седумтте вечери ќе бидат изведени исто толку театарски претстави од кои очекуваме нашите сограѓани да бидат потполно задоволни од прикажаното на сцена, најави Раим Рамадани, актер, режисер и организатор на овој фестивал.
Тој потсети дека драмската претстава „Непотизам“ од Крсто Флоќи, албански драматург и книжевник, што требаше да ја изведат младите аматери од Кичево на албански јазик, нема да се подготвува, бидејќи големиот број актери на сцена е во спротивност со протоколите за заштита од Ковид-19 и планира да подготви друга драмска претстава со помал број актери.
– Драмската претстава „Непотизам“ на авторот Кристо Флоќи, која требаше да ја подготвиме во текот на оваа година и која финансиски беше подржана од Министерството за култура на РСМ, нема да биде подготвена, бидејќи бројот на актерите на сцената се коси со протоколите за заштита од Ковид-19. Сега планираме да подготвиме друга драмска претстава во која бројот на актери истовремено присутни на сцената ќе биде помал, додаде Рамадани.