Развојот на туризмот во општина Гевгелија ќе добие приоритетно значење, особено во сегашниве услови кога поради пандемијата ги трпи најголемите штети и има потреба од наоѓање на негови алтернативни форми, констатираа на денешната средба градоначалникот Андон Сарамандов и Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција на туризмот.
-Агенцијата ќе ги подржи сите активности на Општина Гевгелија кои ќе овозможуваат поголема искористеност на туристичките погодности во ова поднебје и за таа цел во најскоро време ќе организираме средба со овдешните туристички компании и организации за да се запознаеме со проблемите што ги имаат, да најдеме можности за нивно надминување и да ја обезбедиме потребната подршка, рече Јаневски.
Градоначалникот Сарамандов смета дека туризмот во општина Гевгелија ги трпи најголемите штети поради зависноста од меѓуграничниот проток и затоа мора да се размислува за создавање услови за развој на алтернативни туристички форми.
-Мора повеќе да сметаме на неискористените капацитети на планината Кожуф, на руралниот и бањскиот туризам, бидејќи преку развој на повеќе туристички гранки секако ќе обезбедиме и повеќе повратни бенефити, истакна Сарамандов и најави формирање на Одделение за туризам кое ќе се грижи за обезбедување на поволни услови за развој на туризмот во Општина Гевгелија.