Прилепските пожарникари денеска изведоа показна вежба спасувајќи дете од бунар со вода во прилепско село, на длабочина од преку осум метри. Ова е официјална вежба за да се покаже подготвеноста на единицата за спасување животи.
Како што објаснува Дарко Неданоски, пожарникар во Прилепската противпожарна територијална единица, вежбата е и своевиден апел до граѓаните за совесност и брзо пријавување.
– Вежбата ја изведуваме кај бунар во селото Галичани. Едно од двете деца играјќи си, паднало во бунарот. Пријавено ни е и веднаш екипа се упати на местото. Со подготовки и опрема се спуштивме во бунарот, детето имаше повреди, не големи, сепак е мобилизирано на самото место. По извлекувањето е упатено во итната помош или во болница во зависност од повредите. Имаме неколку вежби, објаснува Неданоски.
Прилепската единица има човечки ресурси но останува пропблемот со недостиг од опрема или таа што ја има е речиси дотраена или неатестирана. Во Пожарната имаат три комплети за вакви несреќи, но опремата не е атестирана.
– Еве, на местото користиме јажиња, за овој тип интервенција. Оваа опрема е приватна. Имаме, ама не е атестирана.Се надеваме и еве, апел до надлежните и се надевам наскоро да ни излезат во пресрет. Воедно упатувам апел до граѓаните за поголема совесност и веднаш да пријавуваме зашто најчесто од тоа зависи спасувањето животи, вели пожарникарот Робе Митрески.
Годишно имаат 30-тина интервенции при несреќи во урбана, рурална средина, а и при алтернативните спортови.
– Последно имаме неколку интервенции, меѓу кои мораше да интервениравме при повреди во два дена на учесници во „Даун фил“ искачување со велосипеди кај месноста Топташ. Битно е со време да се укаже помошта, вели пожарникарот Дарко Неданоски.
Оваа показна вежба на прилепската противпожарна единица е во соработка со локалните власти.