Врнежите од дожд што беа присутни во земјава последните 36 часа, придонесоа водотеците низ државата да го подигнат нивото и да ја надминат кризата која подолго време ги следеше.

Речното корито на градската река Сушица во Кичево, од надојдените води речиси целосно се наполни а тоа овозможи фекалиите кои беа наталожени во речното корито во претходниот период, по дефектот на канализациските цевки, конечно да бидат исчистени.

– Проблемот кој се појави при изградбата на новиот мост кај бензинската пумпа на Окта, кога двете канализациски цевки поставени во речното корито беа оштетени и во еден подолг период од нив во речното корито истекуваа фекалии, кои продинесоа од коритото на Сушица да се шири непријатна миризба а визуелниот изглед потврдуваше дека низ речното корито најмалку тече чиста вода и поголем дел се фекалии, истакна директорот на комуналното претпријатие Зенел Јонузи.

Јонузи потенцираше дека последните врнежи од дожд од петокот и саботата придонесоа водостојот на река Сушица значително да порасне, што, како што вели, овозможи фекалиите од речното корито да бидат исчистени и повторно во реката да има само чиста вода.

Тој најави и чистење на речното корито, но поради проблемот со немање локација каде да се одлагаат наслагите од реката , оваа операција е одложена.