Вкупно дваесет и три стари и изнемоштени лица од општината користат услуги од проектот „Одговорни граѓани, среќни институции” што Општина Крива Паланка и ОО Црвен крст-Крива Паланка успешно го спроведуваат со грант од околу 11 милиони денари обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика со подршка на Светска банка.

– Нега центарот на Црвен крст-Крива Паланка располага со 20 стручно обучени негователи, 14 се веќе на терен и имаат 23 корисници опфатени со социјални услуги во рамки на проектот – основни активности за одржување лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет и друго, како и инструментални активности – чистење, перење, готвење, купување продукти, земање медицинска терапија, а социјалните услуги се бесплатни, информира службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.

Во првите пет месеци од имплементацијата на проектот се воспостави услугата при што беа обучени и сертифицирани 20 негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, опремен е простор во ОО Црвен крст- Крива Паланка за потребите на негувателите и набавено е специјализирано возило за потребите на проектот.