Нивото на водата во Охридското Езеро се покачи за три сантиметри, благодарение на интензивните врнежи од дожд што го зафатија регионот изминатите неколку дена. Само во текот на изминатото деноноќие во Охридскиот регион наврнаа 47 литри дожд на метар квадратен, така што моментално нивото на езерото се наоѓа на котата од 693,13 метри надморска височина или три сантиметри над дозволениот минимум.

Температурата на водата е 11 степени Целзиусови, што е за 1,8 степени под просекот за ноември.

Билјанините извори на испустот кај Студенчишта се уште се веќе месеци без вода, но тоа е само дел од изворите оттаму што водата се користи и како каптажа за системот за водоснабдување на градот и дел за потебите на Хидробиолошкиот завод.

Само пред викендот нивото на езерото беше на минимално дозволената кота од 693,10 метри, а слична неповолна хидролошка состојба имаше и ланската година кога во ноември водостојот падна и сантиметар под минимално дозволеното ниво.

Дијаметрално спротивна беше ситуацијата во 2018 година кога водостојот на езерото беше драстично повисок од дозволениот максимум определен на 693,75 м.н.в., кога достигна ниво и од 694,03 метри надморска височина или 90 сантиметри повиско ниво отколку денеска.