Жителите од општините Гевгелија, Богданци и Дојран, доколку сакаат да го остварат своето право за добивање помош и нега од друго лице пред Комисијата, ќе мора да закажуваат кај матичен лекар, а комплетната документација во добиениот термин ќе ја доставуваат на приемниот пункт пред Одделението за хируршки болести, соопштија од Гевгелиската болница.

-Граѓаните кои ќе бараат остварување на ова право, документацијата ќе треба да ја доставуваат од 10 до 14 часот на одредениот ден за прием кај комисијата. Комисијата ќе работи два дена во неделата, понеделник и среда, после 15 часот и ќе разгледува по 25 барања за остварување на правото за помош и нега од друго лице, рече директорот на Гевгелиската болница, д-р Митко Крџев.

Со ваков интензитет на работа, посочи Крџев, се очекува во период од околу два месеца да се решат сите барања на пациентите од општините Гевгелија, Богданци и Дојран.