Зголемен е интересот на граѓаните од кочанскиот регион за вакцинирање против Ковид-19 и досега вакцина примиле близу 27 илјади лица. Од нив, со трета доза се вакцинирале 15 отсто, а извесен пораст е забележан по информациите за појава на новиот сој на коронавирусот.
Просечно дневно во вакциналниот пункт во Општата болница со проширена дејност во Кочани се вакцинираат по околу триесетина граѓани, главно повозрасни и лица од ризичните групи.
-Предност е што вакцинирањето се прави без претходно закажување, што ја забрза целата постапка. Доаѓаат граѓани на различна возраст, главно за првата доза и за ревакцинација, но во пораст е и бројот на лицата кои веќе ја примаат третата доза. Во моментот единствено достапна е вакцината од производителот „Фајзер“ и таа се аплицира кај сите заинтересирани, истакна докторот Иле Постолов, координатор во вакциналниот пункт во Кочани.
Вакциналниот пункт во Општата болница е отворен секој работен ден и имунизацијата се одвива во периодот од 7 до 15 часот.
На ковид одделот во кочанската болница во моментот се хоспитализирани девет пациенти, од кои двајца се со потешка клиничка слика и примаат кислородна поддршка.