По неколкудневните обилни врнежи од дожд, дебарскиот регион денеска е под снежна покривка, која на пониските места е над 20 сантиметри, а на повисоките и двојно поголема.

-Снегот засега, не создава поголеми проблеми. Во двете општини, Дебар и Центар Жупа, се врши расчистување на снегот на патните правци во сите населени места од страна на фирмите кои се ангажирани за зимско одржување, а на регионалните од страна на дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, рече за МИА, Фемија Ајроски, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи.

Од секцијата потврдија дека сообраќајот на патните правци кои се под нивна надлежност се одвива во зимски услови со остатоци од кашест снег. Од таму препорачуваат многу внимателно возење и почитување на сообраќајната сигнализација.

-Наши екипи се постојано на терен. Располагаме со доволно количини на сол и ризла, како и соодветна механизација. Од петти месецов работите со постојано дежурство, со комплетни екипи и потребната механизација, додаваат од секцијата.

Во двете општини непрекинато се одвиваат активности за расчистување на снегот во градот и сите населени места од страна на тендерираните фирми за одржување на улиците и патиштата во зимскиот период.

-Во тек е расчистување на снежната покривка по локалните патишта од сите населени места во општина Центар Жупа, која во Горна Жупа е над 30 сантиметри. Активностите со расчистување на локалните патишта ќе продолжат се до создавање на услови за непречено одвивање на сообраќајот, изјави за МИА, Бирџан Селман, претседател на Советот на општината.

Под надлежност на дебарската секција се патишта во должина од над 110 километри и тоа делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.