Првиот снег во Битола не ги изненади екипите на Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“, изјави за МИА директорот Методиј Силјанов.
Улиците од прв и втор приоритет се исчистени и зимската служба продолжува на терен, потврди Силјанов.
-Силниот снежен бран проследен со ветер траеше околу еден час и притоа на улиците во градот паднаа 10 сантиметри, а на повисоките зони околу 15 сантиметри снег. Подготвени пристапивме кон чистење на снегот со цела механизација и нема пречки во редовниот сообраќај низ градот. Улиците од прв и втор приоритет се исчистени, со мали возила го чистиме Широк Сокак, а се чисти и во околината на градот, посочи Силјанов.
Екипи на ЈП „Комуналец“- Битола ги чистат тротоарите низ градот, а доцна попладне на осојните места и високи делови од градот ќе биде извршена заштита на улиците со песок и ризла, информираа од општинската зимска служба.