Изградени се тротоарните површини во спортско – рекреативниот центар „Брегалница“, кој е на местото на поранешниот штипски Градски базен. До овој комплекс се гради и новиот трговски центар „Штип Сити мол“.

Градоначалникот на Општина штип, Иван Јорданов истакна дека инвестицијата од 1.300.000 денари е на општината, а изградени се тротоарите со површина од еден километар и 200 метри. Јорданов истакна дека временските услови не дозволуваат асфалтирање на улиците, но затоа во наредниот период ќе се фокусираат на реконструкција и изгардба на нови тротоарни површини. Реализацијата на овие градежни активности е на барање на граѓаните од неколку населби.

-Неминовно е реконструкција на тротоарните површини, но и нови тротоарски решенија, со бехатон плочки, кои во наредниот период ќе бидат поставени на сите улици, коишто ги асфалтиравме, но исто така и на сите други сообраќајни решенија, каде што ќе има потреба, вели Јорданов.

Посочи дека здруженијата за лица со посебни потреби и инвалидитети имаат доставено барање до Општината да се санираат тротоарите во населбите Сењак, Автокаманда, Осми Ноември, како и во централното градско подрачје, на кои овие лица наидуваат на низа препреки по нив. Прашан дали ќе се реши проблемот со паркираните возила по тротаорите во централното градско подрачје, Јорданов со одговор дека контролите треба да се зачестат од страна на јавните претпријатија, но и од полициските службеници.