Тринаесетте советници на ВМРО ДПМНЕ ги коригираа свечените изјави со уставното име на државата и ги доставија до Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Рокот беше до денеска согласно добиеното решение, но останаа непотпишани изјавите на деветмината советници на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Координаторка на советничката група, Маријана Рогожарска –Поповска за МИА изјави дека во текот на денешниот ден ќе испрати известување до Инспекторатот за локална самоуправа во кое ќе ги наведе причините, поради кои советничката група се уште ги нема потпишано свечените изјави.

–Нашата советничка група согласно добиеното решение смета дека свечените изјави со уставното име треба да бидат потпишани на седница на Совет на Општина Штип, односно конститутивната седница да биде повторена, како што впрочем и е наведено во решението, истакна Рогожарска-Поповска.

Таа посочи дека советничката група одлуките за своето понатамошно дејствување во Советот ќе ги усогласи со мислењето кое ќе го добие од инспекторатот, а се во насока на доследно почитување на правниот поредок на државата.

Според градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, советниците на СДСМ сакаат да ја опструираат работата на Советот на општината. Тој забележа дека од страна на мнозинството е направена отстапка и е постапено согласно решението на Инспекторатот, со цел да не се блокира работата на општината, како и донесувањето на буџетот за 2022 година.