Младите од Крушево се заинтересирани и имаат предлог-идеи за справување со проблемот со кучињата скитници. На денешната средба на средношколците од училиштето „Наум Наумовски Борче“ со крушевскиот градоначалник Томе Христоски, тема беше справувањето со овој проблем.
-Големо е задоволството да се разговара со младите на теми кои нѐ засегаат сите нас. Младите аргументирано пристапија и имавме плоден разговор. Сакам да продолжиме со вакви средби и настани за младите повеќе да се вклучуваат во општествените процеси на локално ниво, рече Христоски.
Крушевското средно училиште „Наум Наумовски Борче“ го спроведува проект „Отворено општество“. Целта на проектот, кој ќе биде дел од годишната програма на училиштето, е да поттикне зголемено граѓанско учество на младите за да станат активни чинители во општеството.
Во проектот учествува и основното крушевско училиште „Никола Карев“.