Штипјани во наредните пет дена на веб страницата „Нова иднина за Штип" ќе можат да даваат предлози за решавање на инфраструктурни проекти во нивните населби.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека идеите на граѓаните ќе бидат дел од новиот буџет на општината.
– Предлозите можат да се бодуваат и оценуваат и најинтересните и највисоко рангираните проекти се обврзуваме да ги ставиме во нашите проекции за наредната година. Тоа не значи дека другите проекти нема да бидат уважени, туку за нив исто така ќе размислуваме и доколку сме во можност истите ќе ги планираме, вели Јорданов.
Посочи дека преку овој проект сакаат да ја зголемат транспарентноста на општината, но и во исто време граѓаните да учествуваат во креирањето на буџетот.
Прашан дали годинава градот ќе се украсува со новогодипни украси, Јорданов одговори дека веќе е почнато, но со старите украси, кои ги има општината. Нови украси нема да се купуваат, подвлече, со цел да се рационализираат трошоците и за електрична енергија.
Во соработка со бизнис заедницата ќе се организира и Новогодишен базар, што ќе биде пред се за најмладите.