Со презентација пред органите на локалната самоуправа од страна на активистите на здружението „ВОПС поддршка“, Охрид се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост – 3 Декември.
Членовите на „ВОПС поддршка“ пред градоначалникот, советниците и другите општински тела ќе ги презентираат резултатите од проектот проект „Мапирање на проблемите и потребите на лицата со посебни потреби во Охрид“, со што ќе ги истакне приоритетите на кои општината треба да работи за да го унапреди животот на децата и лицата со посебни потреби во градот.
Одбележувањето на Денот на лицата со попреченост има за цел да промовира разбирање за попреченоста и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и просперитот на лицата со попреченост во општеството. Се спроведуваат бројни активности за зголемување на свеста на општеството за придобивките што треба да се извлечат од интеграцијата на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп, што претставува околу 15 отсто од светската популација. Во Република Северна Македонија регистар за лица со попреченост нема, но се проценува дека десет проценти или околу 200 илјади жители се лица со инвалидитет. Здравствената и социјална заштита на лицата со посебни потреби има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку има и економски импликации.