Советот на оштина Дебар ја одржа контитутивната седница, која ја почна со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите патници во автобуската несреќа, во која меѓу 45 загинати се и двајца дебарски полициски службеници со сопругите.
Со седницата претседаваше највозрасниот советник, Башким Машкули од ДУИ, кој во изминатите два мандата беше претседател на Советот.
Со мнозинство гласови за претседател на советот беше избран Фуат Спахиу (37) дпломиран правник, советник од редовите на ДУИ, кој е раководител на Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување.
-Голема благодарност до сите граѓани што ја дадоа подршката за политичкиот субјект на кој припаѓам, како и вам за довербата да бидам претседател на советот. Ова е чест но и обврска која максимално ќе се залагам да ја оправдам, со почитување на Уставот и законите, статутот на општината и деловникот за работа на советот. И во изборната кампања кажав и сега повторувам дека ќе се ангажирам сите одлуки кои ќе ги донесуваме да бидат едногласни и во интерес на сите граѓани и на нашата општина, рече покрај друго Спахиу, кој е почитуван и познат спортист, во еден период и капитен на ФК”Кораби”- Дебар.
Советот на општината брои 15 членови, шест се од редовите на ДУИ, пет од Алијанса за Албанците и по двајца од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Успешна работа на советниците во интрес на граѓаните им посака и градоначалникот Хекуран Дука.