Во Делчево во тек се финалните подготовки за отворање на Клубот за социјална инклузија „Интегра“, со цел поставување на темелите за првото социјално претприемништво во Делчево.
Одговорното лице во Дневниот центар Александар Николов додаде дека Клубот ќе започне со работа по Новогодишните празници.
– За реализација на активноста набавена е опрема, сито-печат, модели за изработка на восочни свеќи, модли за гипсени производи, опрема за сечење и бигување хартија за изработка на хартиени ќесиња, машина за шиење оверллок, фотокопир во боја, спортско- рекреативна опрема , компјутери и друго, а во тек се и набавките на репроматеријали, истакна Николов.
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денеска Клубот за социјална инклузија го посетија градоначалникот Горан Трајковски и директорот на Центарот за социјални работи, Благој Стоименовски.
– Во рамки на Клубот за социјална инклузија е планирано да се опфатат 12 возрасни лица со посебни потреби и да се ангажираат дополнително пет стручни лица за работа со овие лица кои ќе развиваат работни вештини кои ќе им послужат за нивно работно интегрирање. Ова всушност значи почеток на еден вид социјално претприемништво кој започнува од Дневниот центар во Делчевo, рече Трајковски.
Воведувањето на новата социјална услуга за лица со попреченост според директорот на ЦСР, Стоименовски е добра практика која овозможува поголема интеграција на овие лица во општеството.
– Од овде заедно да испратиме уште еднаш порака за поголема свесност за хендикепот, но и за почитување на правата на лицата со посебни потреби и да укажеме на придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница, порача Стоименовски.
Клубот се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги финансиран од МТСП во висина од 2,4 милиони денари со поддршка на Општина Делчево, а го имплементира Здружението на граѓани „Бравура кооператива“.