Општина Кочани ќе спроведе обуки за економско јакнење на жените за да им го олесни пристапот и зголемувањето на конкурентноста на пазарот на труд преку подобрување на нивните вештини за вработување и самовработување.

Обуките се дел од национален проект во кој се вклучени десет општини, а се однесува на развој на вештини и знаења за дигитален маркетинг, онлајн продажба и употреба на дигитални технологии, развој на бизнис-идеја и бизнис-план, претприемништво и менаџерски вештини, како и за основни вештини за вработување.

– Секоја од четирите тематски обуки има соодветни критериуми, но заедничко е дека жените треба да бидат жителки на Општина Кочани, да се невработени или да имаат почнато свој бизнис, да се над 18 години и со минимум завршено средно образование. Пријавувањето може да биде електронски и со пријава во Општина Кочани, а рокот е до 20 декември. При изборот на учесничките ќе се следи принципот „прва пријавена – прва услужена“. Особено се охрабруваат да се пријават жени од ранливи категории, односно самохрани мајки, жени од рурални средини, жртви на семејно насилство, жени со попреченост, истакна Љубинка Ајтовска, координаторка за еднакви можности на жените и мажите во Општина Кочани.

Спроведувањето на обуките ќе биде од јануари до август идната година, а се планира да се реализираат со комбиниран пристап, односно онлајн и со физичко присуство, во зависност од епидемиолошката состојба во периодот на нивно одржување.

Обуките ќе се реализираат во соработка со Фондацијата ЦЕЕД Македонија, како дел од проектот на UN Women „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“. Проектот финансиски е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА).