Пет штипски институции и центри кои згрижуваат и едицираат лица со посебни потреби денеска добија вредносни ваучери од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Центарот за аутизам, кој е еден од оние кои добија средства од Општината, најави дека тие ќе бидат искористени за дидактички средства и играчки за децата кои го посетуваат.
Штипскиот градоначалник, Јорданов вети дека грижата и решавањето на потребите на децата и лицата кои се едуцираат или ги посетуваат центрите ќе бидат континуирани, во текот на целата година, а не само на 3 Декември или за Новогодишните празници. Посочи дека во Програмата му е и изградба на рехабилитациски центар, кој со години го бараат родителите и членови на здруженијата.
-Искрено, станува збор за еден поголем проект, а во комуникација и во соработка со други институции, здруженија, но и преку ЕУ фондови веќе разговараме на оваа тема, за да најдеме првично финансирање и реализација на ваков проект, вели Јорданов.
Дејан здравков од Центарот за социјални работи-Штип вели дека 22 лица ги посетуваат Центрите за аутизам и за лица со интелектуална и телесна попреченост. Двата центри имаат поголем капацитет и во нив можат да се згрижат 30 лица.
-Поддршката е пред се за родителите, а и за самите деца, затоа што дневните центри нудат третман, рехабилитација, подготовка за образовен процес, потоа подготовка за работна- кондициона терапија и да бидат подготвени за самостоен живот, вели Здравков.
Забележува дека на децата со посебни потреби потребна им е пред се љубов, грижа, но и поддршка на нивните семејства.