Пакети со храна и хигиенски производи, денеска поделија Националниот ромски центар (НРЦ) и Банката за храна на 88 семејства кои се социјално ранливи категории граѓани од Куманово.
Надлежните сметаат дека помошта барем малку ќе им помогне на ранливите категории семејства, во услови кога се зголемува цената на прехранбените производи. Пакетите се обезбедени со поддршка од ЦБФ и Владата.
– Денеска на Меѓународниот ден на лицата со попреченост поделивме пакети со храна. Се надевам дека примерот ќе го следат и останатите, институциите, другите организации, поединци. На овој начин ќе придонесеме барем за малку да ја ублажиме сиромаштијата, бидејќи времето е тешко и бара солидарност и основна човечка хуманост, изјави извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски.
Тој потсети дека изминатиов период биле поделени пакети со храна за ранливите категории граѓани.
Душко Христов од Банката за храна на Македонија, информираше дека и во мај имале слична акција, додавајќи дека Банките за храна работат за време на пандемијата, која само го зголемила бројот на баратели на помош, како и сегашниот кризен период со зголемување на цени на одредени производи.
– Проектот е поддржан од Владата во програмата за поддршка на организации за справување со Ковид 19 и ЦБФ Македонија кој со години е поддржувач на акциите. Грев е што имаме подготвен предлог-закон за донирање на вишок храна, го работевме две години и наместо да го тестираме во кризни времиња, тој стои во фиока. Се надевам дека по Нова година ќе ја поттикнеме темата. Ние како членка на Европска федерација на Банки за храна знаеме како стојат работите по Европа и можеме тука да ги пренесеме информациите и да изградиме систем добар за сите. Од една страна мала држава, а од друга страна фрламе многу храна, изјави Христов.
Џеф Ли од ЦБФ рече веќе десет години ја поддржуваат Банката за храна, особено сега во време на Ковид 19 кризата и кажа дека ќе продолжат со поддршка и во иднина.
Предвидено е да се поделат 500 прехранбени пакети кои ќе бидат поделени во седум општини, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Велес, Чаир и Центар.